Американската Агенција за храна и лекови (FDA) одобри нов лек за рак на панкреасот на компанијата Revolution Medicines, откако големо клиничко испитување покажало дека терапијата двојно ја зголемува стапката на преживување кај пациенти со напредната фаза на болеста.
Таблетата, која ќе се продава под името Rasonque, се зема еднаш дневно и е одобрена за пациенти со метастатски рак на панкреасот кои претходно примале терапија или не можат да примаат комбинирана хемотерапија.
Лекот е дизајниран да блокира неколку форми на протеинот RAS, кој има значајна улога во растот на туморите кај голем број случаи на рак на панкреасот.
Компанијата Revolution Medicines соопшти дека лекот веќе е достапен во САД, а цената изнесува 39.800 долари за терапија во траење од 30 дена. Според компанијата, одредени пациенти со комерцијално здравствено осигурување би можеле преку програми за финансиска помош да немаат сопствени трошоци за терапијата.
Кога во април беа објавени резултатите од клиничкото испитување, интересот за терапијата значително пораснал. FDA потоа овозможила ран пристап преку програмата за таканаречена „сочувствителна употреба“, наменета за пациенти со сериозни или животозагрозувачки заболувања кои во одредени услови можат да добијат експериментална терапија пред официјалното одобрување.
Меѓу пациентите кои добиле ран пристап е и 88-годишната Барбара Андес од Калифорнија. По една година хемотерапија, таа почнала да го зема лекот во јули и изјавила дека повторно може да извршува дел од секојдневните активности, со значително помалку мачнини и замор.
Брајан Волпин, директор на Центарот за истражување на рак на панкреасот при Институтот за рак „Dana-Farber“, оцени дека одобрувањето претставува долгоочекуван напредок за пациентите и нивните семејства.
Лекот е меѓу првите терапии разгледани преку новата забрзана процедура на FDA, со која времето за оценување на терапии за сериозни здравствени состојби може да се намали на еден до два месеци, наместо вообичаените 10 до 12 месеци.
Аналитичарите проценуваат дека Rasonque би можел да достигне годишна продажба од околу 11,5 милијарди долари.
Според проценките на Американското здружение за борба против ракот, во САД оваа година рак на панкреасот ќе биде дијагностициран кај околу 67.350 лица.










