Драматична спасувачка операција се одвива во Хрватска откако четворица португалски државјани исчезнале за време на силна бура во Велебитскиот канал.
По повеќечасовна потрага пристигнале и првите добри вести – една Португалка е пронајдена жива откако околу осум часа поминала во морето, а помалку од еден час подоцна бил пронајден жив и еден од мажите.
Според хрватските медиуми, мажот бил забележан на карпа, а спасувачките служби продолжуваат да трагаат по преостанатите двајца исчезнати Португалци.
Сите четворица се на возраст од околу 30 години.
Исчезнале за време на силна бура
Пријавата за исчезнувањето била примена утрово, 12 август, во 4:41 часот, откако нивен познаник ги известил надлежните служби.
Хрватскиот центар за координација на потрагата и спасувањето на море во Риека веднаш започнал координирана операција за нивно пронаоѓање.
Во текот на потрагата, во близина на брегот на островот Крк бил пронајден и напуштен пловечки објект кој, според описот, одговара на чамецот што го користеле исчезнатите.
Спасувачката операција продолжува, а службите сè уште трагаат по двајцата преостанати исчезнати мажи.









