Бугарските власти ги засилија безбедносните мерки во воената авиобаза „Безмер“, по информациите дека Иран разгледувал можни напади врз американски воени цели во Југоисточна Европа.
Министерствата за внатрешни работи и за одбрана преземаат дополнителни превентивни мерки, а ситуацијата се следи континуирано.
Причина за зголемената претпазливост се извештаите дека Техеран разгледувал сценарија за напади врз американски воени објекти во регионот доколку дојде до дополнителна ескалација на конфликтот со САД. Покрај Бугарија, како потенцијална цел се споменува и Кипар.
Во фокусот е базата „Безмер“, каде Бугарија претходно одобри престој на осум американски авиони KC-135 за полнење гориво во воздух, како и на до 250 американски војници.
Американското присуство е поврзано со логистичка поддршка на операциите на Блискиот Исток. Од Софија нагласуваат дека од бугарска територија и воздушен простор нема да се изведуваат директни борбени операции.
Засилените безбедносни мерки доаѓаат во период на високи тензии меѓу Вашингтон и Техеран. Дипломатските разговори се во застој, додека неизвесноста околу пловидбата низ Ормутскиот Теснец дополнително ја усложнува ситуацијата.
Бугарските власти засега преземаат превентивни мерки и внимателно го следат развојот на безбедносната состојба во регионот.








