Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека во наредните денови ќе следи „решителна акција на државата за враќање на мирот и поредокот во Србија“. Тој истакна дека за 10 дена ќе бидат приведени сите учесници во нередите што се одржуваат низ повеќе градови.
„Прашање на ден е кога демонстрантите ќе убијат некого. Со народот на Србија ќе го победиме ова зло. Ќе ја видите целата моќ на државата Србија и ќе искористиме сè што е на располагање за да го вратиме редот“, порача Вучиќ на прес конференција во Палата Србија, на која присуствуваше и министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ.
Обвинувања за тероризам
Вучиќ ги обвини демонстрантите за насилства во Ваљево, Белград и Нови Сад, каде што беа запалени простории на Српската напредна партија (СНС) и на други политички партии. Според него, станува збор за „контролирани сценарија на хаос“ и за „терористички акции“ чија цел е дестабилизација и изборен притисок.
„Само се плашам дека во следните неколку дена да не убијат некого, пред државата формално да биде подготвена за реакција. Тоа е сè што им остана“, изјави Вучиќ.
Повик до обвинителството
Претседателот ги повика обвинителите да реагираат, нагласувајќи дека државата ќе ги заштити сите граѓани и нивниот имот. Тој додаде дека реакцијата на институциите „ќе биде различна“ од претходните случаи.
Според официјалните податоци, во последните два-три дена биле повредени 173 полицајци кои биле задолжени за одржување на јавниот ред за време на протестите.
„Или ќе ги браниме вредностите на нормален и демократски живот, или ќе дозволиме сценарија каде насилници ќе доаѓаат по нашите куќи, а ние само ќе гледаме“, изјави Вучиќ.
Критика кон ЕУ
На крајот од обраќањето, Вучиќ ја критикуваше еврокомесарката Марта Кос, обвинувајќи ја дека не реагирала на палењето на просториите на СНС.