Во Грција се случува вистински инвестициски бум во недвижниот имот, а меѓу најактивните купувачи се Македонци, Срби, Бугари, но и Британци и Турци. Македонските граѓани не само што купуваат станови за сопствено уживање, туку инвестираат и во цели станбени комплекси.
Цените на становите во Грција експлодираа во последните пет години – метар квадратен стана двојно поскап! Како што вели еден локален жител во туристичкото место Каликратија, кое е многу популарно кај македонските и српските туристи, постои огромен прилив на купувачи од соседните земји.
Купувањето на станови, апартмани и земјиште со куќи стана вистински тренд меѓу македонските граѓани, особено на локации околу Солун и на првиот крак Касандра, дел од познатиот полуостров Халкидики.
„Стан од 55 квадрати, целосно нов и во градба, платив 2.000 евра за квадрат. Зградата е нова,“ вели еден велешанец, кој додава дека македонските купувачи се „распоредени“ според градот од каде доаѓаат – на пример, Скопјани купуваат во Неа Флогита и Криопиги, Штипјани и Кавадарчани, а Велешани најчесто во Каликратија.
Една скопјанка, која поседува стан во Каликратија, открива: „За стан од 55 квадрати плативме 80.000 евра, но бидејќи беше во лоша состојба, целосно го реновиравме и сега вреди повеќе од 100.000 евра.“