Цените на нафтата на светските пазари продолжија да паѓаат и минатата недела, бележејќи втора последователна недела на пад, бидејќи трговците стравуваат од зголемено производство кое може да ја надмине побарувачката во наредната година.
На лондонскиот пазар, цената на барел нафта се спушти за 1,1% на 65,85 долари, додека во САД барелот падна за 1,7% на 62,80 долари.
Овој пад се должи на очекувањата дека понудата на нафта ќе расте побрзо од побарувачката, главно поради забавениот глобален економски раст и најавите од ОПЕК и партнерите за зголемување на производството.
Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) ја зголеми својата прогноза за понудата на нафта во 2025 година, предвидувајќи дека таа ќе се зголеми за 2,5 милиони барели дневно, што е значително повеќе од претходно проценетите 2,1 милиони.
Од друга страна, агенцијата ја намали прогнозата за растот на глобалната побарувачка на нафта, која сега се очекува да изнесува само 680.000 барели дневно.
Дополнително, податоците од Американскиот институт за нафта и Администрацијата за енергетски информации (EIA) покажуваат зголемување на залихите на сурова нафта во САД за неколку милиони барели во последната недела, што дополнително ги загрижи трговците.
Шпекулациите за влијанието од неодамнешната средба помеѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, на состојбата со руска нафта, не донесоа значајни промени, што ја остави цената на нафтата стабилна во понеделникот.