Вишото јавно обвинителство во Белград (ВЈО) денеска поднесе обвинение против Живорад Ч. (35) поради сомнение дека се занимавал со трговија со луѓе, како и против Ворих И.В. (31) поради соучесништво.
Како што се наведува во соопштението на ВЈО, обвинетиот Живорад Ч. се товари дека од мај до ноември 2025 година, со злоупотреба на довербата и тешките животни околности, вербувал оштетена за вршење дејности на проституција и сексуална експлоатација.
Ворих И.В. е обвинет поради постоење оправдано сомнение дека од ноември 2021 година до јули 2022 година, како и од октомври 2023 година до 19 февруари 2026 година, се занимавал со трговија со луѓе така што со употреба на сила и закани, со злоупотреба на довербата и тешките животни околности на друга оштетена, како и со задржување на нејзините лични исправи, ја вербувал оштетената со цел вршење проституција и сексуална експлоатација.
Во соопштението се наведува дека постои оправдано сомнение и дека Ворих И.В., во периодот од јули 2025 година до 19 февруари 2026 година, се занимавал со трговија со луѓе така што со злоупотреба на довербата и тешките животни околности на малолетна оштетена, со нејзино доведување и одржување во заблуда, ја вербувал за вршење проституција и сексуална експлоатација.
Со обвинението, кое е предадено до Вишиот суд во Белград на одлука за потврдување, Живорад Ч. се товари за кривично дело „Трговија со луѓе“, а Ворих И.В. за истото кривично дело извршено со помагање.
Исто така, на Ворих И.В. со обвинението му се ставаат на товар уште две кривични дела „Трговија со луѓе“.
Обвинителството му предложи на судот да му го продолжи притворот на Ворих И.В., додека Живорад Ч. веќе се наоѓа на издржување казна затвор за друго кривично дело.







