Грција од понеделник ја започна првата европска програма со финансиски стимулации за улов на инвазивната риба зајак (Lagocephalus sceleratus), вид кој претставува сериозна закана за морскиот екосистем, рибарството и јавното здравје.
Програмата во првата фаза ќе се спроведува во регионите Крит и Јужен Егеј, а е финансирана со европски средства. Рибарите ќе добиваат по 5,33 евра за секој килограм уловена риба, додека вкупниот буџет на проектот изнесува 1,5 милиони евра.
Според грчкото Министерство за земјоделство, регионите што први ќе ги исполнат условите ќе можат веднаш да започнат со реализација на програмата.
По уловот, рибите ќе се складираат во специјални ладилници, а потоа ќе бидат уништени со согорување во соодветни постројки.
Сличен систем веќе функционира на Кипар, каде рибарите добиваат 4,73 евра за килограм уловена риба-зајак.
Овој инвазивен вид потекнува од Црвеното Море и Индискиот и Тихиот Океан, а во Средоземното Море навлегол преку Суецкиот Канал. Експертите сметаат дека неговото забрзано ширење е последица на затоплувањето на морето и климатските промени.
Рибата-зајак е позната по исклучително силните заби, со кои лесно ги оштетува рибарските мрежи и предизвикува значителни финансиски загуби. Дополнително, нејзиното месо содржи тетродотоксин – еден од најопасните природни отрови, кој може да биде смртоносен доколку се консумира.
Мерката е дел од националниот акциски план подготвен во 2024 година од Хеленскиот центар за морски истражувања, кој предвидува следење на ширењето на видот, финансиска поддршка за рибарите и обесштетување за оштетените рибарски мрежи.
Во меѓувреме, Грчкиот Црвен крст објави препораки за постапување во случај на каснување од рибата-зајак и повторно предупреди дека нејзиното месо не смее да се консумира поради присуството на опасниот токсин.
Сепак, грчките власти и туристичкиот сектор апелираат да не се создава непотребна паника. Според нив, иако рибата-зајак е присутна во Средоземното Море со години, нападите врз капачи се ретки, а ризикот за туристите останува низок доколку се почитуваат основните мерки на претпазливост.






