ПРВ.мк
Балкан

ГОЛЕМА СПАСУВАЧКА АКЦИЈА: Се трага по две лица од урнат авион

ГОЛЕМА СПАСУВАЧКА АКЦИЈА: Се трага по две лица од урнат авион

Голема спасувачка операција е во тек на планината Велебит во Хрватска, откако бил изгубен сигналот од мал авион кој летал од Чешка кон Задар. Според неофицијалните информации, во леталото се наоѓале две лица.

Хрватската цивилна заштита соопшти дека сигналот од авионот бил изгубен околу 16:14 часот, а последната регистрирана позиција била на приближно 31,5 километри североисточно од Задар.

Веднаш била започната голема акција за потрага и спасување на тешко пристапниот терен на Велебит.

Мобилизирани се припадници на цивилната заштита, полицијата, пожарникарите и Хрватската планинска спасувачка служба. Во операцијата се користат дронови и специјализирана опрема за пребарување во текот на ноќта.

Дополнителен проблем претставуваат лошите временски услови. Поради нив во моментов не е можна потрага од воздух, па спасувачите се принудени да напредуваат по копно.

Операцијата се координира од станицата на ХГСС во Стариград-Пакленица.

Засега нема официјални информации за состојбата на лицата во авионот, а потрагата продолжува.