Вистинска драма се одвивала на плажа во Неи Пори во Грција, каде 70-годишен турист од Македонија за малку ќе го загубел животот додека се капел во морето, пренесуваат грчките медиуми.
Според информациите, мажот ненадејно ја изгубил свеста додека бил во водата. За среќа, спасувачот навреме ја забележал опасната ситуација и веднаш интервенирал, извлекувајќи го туристот од морето пред да биде предоцна.
Благодарение на брзата реакција на спасувачките служби, не било потребно да се изведува кардиопулмонална реанимација. Откако бил извлечен на брегот, на 70-годишникот му бил обезбеден кислород, по што покажал знаци на закрепнување и успеал да се освести.
Фотографија објавена од грчкиот портал „Прототема“ покажува дел од спасувачката акција и грижата што му била укажана на македонскиот државјанин непосредно по инцидентот.
По укажаната медицинска помош и дополнителните лекарски прегледи, туристот бил задржан во болница на набљудување. По два дена хоспитализација, неговата здравствена состојба била стабилизирана и тој бил пуштен на домашно лекување.






