Во Црна Гора е поднесен предлог за измени на Законот за работни односи со кој вработените би добиле право на продолжен викенд еднаш месечно.
Предлогот веќе се наоѓа во парламентарна процедура, а го поднесоа пратениците од Демократска Црна Гора. Според предложеното решение, работниците би добивале слободен петок пред последниот викенд во месецот, што би значело три последователни дена одмор.
Измените предвидуваат воведување нов член во Законот за работни односи, со кој вработените ќе имаат право на неработен петок, односно дополнителен 24-часовен одмор што ќе се надоврзе на редовниот викенд.
Предлагачите сметаат дека ваквата мерка ќе придонесе за подобар баланс меѓу работата и приватниот живот, ќе го намали стресот кај вработените, ќе го подобри нивното психофизичко здравје и ќе ја зголеми продуктивноста на работното место.
Според нив, продолжениот викенд би имал позитивни ефекти и врз семејниот живот, културните и спортските активности, како и врз развојот на домашниот туризам и локалната економија.
Во предлогот се наведува дека решението е јасно дефинирано, со што работодавачите ќе можат навремено да ги организираат работните процеси доколку законот биде усвоен.








