Голем шумски пожар избувна во јужна Албанија, поради што властите евакуираа најмалку 15 семејства, заедно со нивниот добиток и домашни миленици.
Огнената стихија се приближила до селото Рибан во регионот Малакстер, а поради високите температури, сувата вегетација и силниот ветер пожарот брзо се проширил, загрозувајќи ги домовите на локалното население.

Во гаснењето учествуваат пожарникари, полиција, припадници на Силите за брза интервенција и службите за цивилна заштита. Од воздух интервенираат хеликоптер на Министерството за одбрана и авион „Канадер“, кои се обидуваат да го локализираат пожарот.

Според првичните информации, пламените јазици веќе уништиле голема површина вегетација, а надлежните продолжуваат со напорите да спречат огнот да се прошири кон нови населени места. Албанските власти повторно апелираат до граѓаните на внимателност поради екстремниот ризик од шумски пожари.









