Студентите од блокадата на Универзитетот во Белград најавија денеска попладне голем протест под мотото „Индексот е посилен од пендрекот“. Протестот е закажан да започне во 14 часот пред зградата на Владата на Србија.
На социјалните мрежи студентите објавија план за протестот, кој предвидува марш од Владата кон Палатата на правдата, зградата на Одделот за обезбедување одредени лица и објекти, и на крај кон Одделот за внатрешна контрола на Министерството за внатрешни работи.
Истовремено, студентите од блокадата на Медицинскиот факултет во Нови Сад повикаа на заеднички протест против полициската бруталност пред Ургентниот центар на Клиничкиот центар на Војводина во 11:52 часот. Тие ги повикаа колегите здравствени работници и граѓаните да се приклучат, со порака: „Додека ние преврзуваме, вие претепувате! Рацете што лекуваат не смеат да бидат врзани… Бели мантили секогаш, бело знаме никогаш“.
Вчера низ Србија се одржаа 111 собири на граѓани против блокадите, на кои присуствувале вкупно 126.399 луѓе, според изјавата на директорот на српската полиција, Драган Васиљевиќ. Сите собири поминале без инциденти, освен во Шабац и Чачак каде што имало ненајавени паралелни обиди да се спречи одржувањето на протестите.