Тензиите по масовниот студентски протест во Белград ескалираа доцна вечерва, кога дојде до судири меѓу демонстранти и полицијата во центарот на градот, во близина на зградата на српското Собрание и Претседателството.
Според српските медиуми, по завршувањето на протестот на кој учествувале повеќе од 100.000 граѓани, дел од демонстрантите почнале да фрлаат камења, шишиња и пиротехнички средства кон полицискиот кордон, по што полицијата интервенирала и започнала да ја потиснува толпата.
Инцидентите се случувале на улиците „Кнез Милош“ и „Таковска“, каде што одекнувале силни детонации, петарди и топовски истрели. Според сведоштва од местото на настанот, неколку лица биле соборени на земја за време на полициската акција.
Протестот бил организиран од студентски групи под мотото „Ти и јас, Славија, затоа што студентите победуваат“, а најголемиот дел од учесниците претходно мирно се разотидувале од плоштадот „Славија“.
Дополнителни тензии биле забележани и во близина на Пионерскиот парк, каде што, според медиумските извештаи, биле фрлани експлозивни направи и пиротехнички средства.
Во меѓувреме, кабинетот на Александар Вучиќ соопшти дека српскиот претседател од 24 до 28 мај ќе престојува во официјална посета на Кина.








