ПРВ.мк
Балкан

ДЕТЕ ПРИМИЛО ПОГРЕШНА ВАКЦИНА: Сестрата се правдала дека била под стрес!

ДЕТЕ ПРИМИЛО ПОГРЕШНА ВАКЦИНА: Сестрата се правдала дека била под стрес!

На 15-месечно дете во Советувалиштето за бебиња во Бања Лука по грешка му била дадена втора доза од вакцината „Пентаксим“, иако според препораката на педијатарот требало да ја прими вакцината против хепатитис Б (ХБВ).

Детето претходно имало реакција на првата доза „Пентаксим“, а три дена по погрешно дадената втора доза развило уртикарија по телото и било однесено во итната медицинска помош.

„Пентаксим“ е пентавалентна вакцина која обезбедува заштита од пет заразни заболувања – дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа и Haemophilus influenzae тип б. За разлика од неа, вакцината против хепатитис Б е моновалентна и е наменета за заштита од вирусот на хепатитис Б, кој го напаѓа црниот дроб.

Случајот го потврдил и Одделот за здравствена заштита при „Дом здравља“ Бања Лука, од каде што веднаш било побарано да се земат изјави од вработените во специјализираните педијатриски клиники.

Од институцијата, сепак, не одговориле на прашањата поврзани со актуелната здравствена состојба на детето, евентуалното поведување дисциплинска постапка, како и тоа дали за случајот била известена здравствената инспекција, објави „Глас Српске“.

Мајката раскажала дека на 17 септември го донела својот син на редовна вакцинација против хепатитис Б и со себе ја имала потврдата од педијатарот со која било наведено која вакцина треба да ја прими.

Таа навела дека сите три нејзини деца редовно ги примале вакцините без последици, но дека најмладото момче претходно реагирало на првата доза „Пентаксим“. Поради тоа, во договор со педијатарот било одлучено најпрво да ја прими третата доза од вакцината против хепатитис Б, на која претходно немало реакција.

Според нејзиното сведоштво, медицинската сестра дури откако ја дала вакцината му кажала дека всушност станува збор за втора доза „Пентаксим“.

Мајката прашала како можело да дојде до таква грешка, а сестрата, според нејзините зборови, објаснила дека работата била стресна и дека наместо да ја провери наредбата од педијатарот, погледнала во медицинскиот картон за да утврди кои вакцини детето сè уште ги немало примено.

Мајката тврди и дека сестрата потоа го повикала педијатарот пред неа и побарала да биде променет редоследот на вакцините во електронскиот систем.

Според неа, педијатарот одбил да го направи тоа и се согласил единствено во системот да биде внесена забелешка дека дозата „Пентаксим“ била дадена по грешка.

Три дена по вакцинацијата, односно на 20 септември, на телото на детето се појавила силна уртикарија.

„Го однесовме детето во Итната помош, каде што потврдија дека станува збор за алергиска реакција и нè предупредија дека секое следно изложување на алерген може да предизвика посериозни симптоми“, изјавила мајката.

Според неа, проблемите со вакцинацијата започнале уште во август 2025 година, кога детето по првата доза „Пентаксим“ добило реакција на нозете.

Родителите тогаш го однеле детето на дерматолог, како и во Инфективната и кожна клиника при Универзитетската болница во Република Српска. Лекарите не успеале со сигурност да ја утврдат причината за реакцијата.

По приватен лекарски преглед, на детето му била поставена дијагноза „erythema annulare“.

Случајот сега отвора прашања за начинот на проверка и евиденција при давањето на вакцините, како и за постапувањето по направената грешка.