ПРВ.мк
Балкан

ДЕН КОГА СЕ ПРОМЕНИ ИСТОРИЈАТА: Пред 81 година жените во Југославија го добија правото кое со децении им беше недостапно!

ДЕН КОГА СЕ ПРОМЕНИ ИСТОРИЈАТА: Пред 81 година жените во Југославија го добија правото кое со децении им беше недостапно!

На 11 август 1945 година бил направен историски чекор за жените во тогашна Југославија – за првпат им било уставно и законски признато правото на глас. Тоа било резултат на долгогодишната борба и активното учество на жените во општествените и политичките процеси, особено преку Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) за време на Втората светска војна.

Со Сојузниот изборен закон било потврдено изедначувањето на гласачките права меѓу мажите и жените. На тој начин, жените можеле активно да учествуваат на изборите одржани во ноември 1945 година и за првпат да добијат можност да бидат избрани во највисоките законодавни институции.

Правото на глас не било едноставно доделено, туку претставувало резултат на организирана борба и постепено политичко и општествено активирање на жените. Формирањето и дејствувањето на АФЖ создало простор за нивно организирање, а жените активно учествувале во народноослободителната борба и во процесите поврзани со создавањето на новите државни институции.

Уште за време на војната, документите на Врховниот штаб го потврдувале нивното учество и статус, додека во август 1945 година овие права конечно биле формализирани преку изборното законодавство.

Посебен предизвик претставувала практичната организација на изборите, имајќи предвид дека значителен дел од населението во тој период бил неписмен. Поради тоа, на изборите во ноември 1945 година бил применет специфичен начин на гласање познат како систем на „слепи кутии“.

Наместо гласачите да користат молив или да запишуваат име, тие ја ставале раката во кутијата и незабележливо пуштале гумена кугличка. На тој начин било овозможено тајно гласање и за луѓето кои не знаеле да читаат и пишуваат.

Изборите во 1945 година донеле уште еден историски момент. За првпат во историјата на регионот, жените добиле можност да бидат избрани во највисокото законодавно тело. Меѓу првите пратенички во Уставотворното собрание биле истакнати учеснички во борбата и јавни личности, меѓу кои Митра Митровиќ и Цана Бабовиќ.

Политичкото изедначување било проследено и со низа други законски промени. Со Уставот од 1946 година биле загарантирани права кои имале значително влијание врз секојдневниот живот и општествениот статус на жените. Меѓу нив биле бесплатното и задолжително основно образование, еднаквата плата за еднаква работа и задолжителното склучување граѓански брак пред државните органи.

Во исто време, АФЖ станал простор во кој жените почнале јавно да отвораат прашања за кои претходно речиси и да не се зборувало во патријархалното општество.

На масовните конференции биле покренувани прашања поврзани со здравјето и репродуктивните права на жените. Се барало отворање советувалишта за бремени жени, организирано информирање за контрацепција, како и преземање мерки против илегалните и небезбедни абортуси кои се изведувале во нехигиенски услови и можеле сериозно да го загрозат здравјето и животот на жените.

Овие иницијативи претставувале дел од поширокиот процес на промена на положбата на жените и подоцна придонеле кон развојот на политики и законски решенија поврзани со нивното право на слободно одлучување за раѓањето деца.

Есента 1945 година била период на големи општествени промени. Во рамките на таканаречените предизборни конференции и други јавни собири, жени од различни средини за првпат во голем број јавно земале збор и разговарале за политички, државни и социјални прашања.

Таквото учество постепено ја намалувало долгогодишната изолација на жените од јавниот живот. Тие почнале да се појавуваат како активни политички учесници и да учествуваат во процесите на повоената изградба на државата.

Значајна промена се случила и во областа на семејното право. Со воведувањето на граѓанскиот брак преку Основниот закон за брак, државата ја презела регулацијата на брачните односи, со што бил прекинат дотогашниот монопол на религиозните институции врз оваа област.

Бракот бил дефиниран како доброволна заедница заснована врз рамноправност на сопружниците. Со новите правни правила жените добиле поширока правна и имотна самостојност, како и поголема законска заштита.

Истовремено, промените имале цел да го признаат и трудот на жените – не само оној што го вршеле во фабриките и на работните места, туку и нивниот придонес во домаќинството.

Правото на глас од 1945 година затоа било само еден, но исклучително важен дел од поширокиот процес на политичка, правна и општествена еманципација на жените во повоена Југославија. Тој период донел промени кои значително ја измениле нивната положба во јавниот и приватниот живот и го отвориле патот кон нивно поголемо учество во политиката, образованието и работниот процес.