Од денеска во Европската Унија почнуваат да се применуваат нови правила за амбалажата и амбалажниот отпад, а една од најзначајните промени се однесува на употребата на таканаречените PFAS-соединенија во материјалите што доаѓаат во контакт со храна.
Новите ограничувања директно се однесуваат на дел од амбалажата што потрошувачите секојдневно ја користат, особено кога купуваат храна за носење. Станува збор за различни кутии за хамбургери и помфрит, хартиени и картонски кеси за храна, кесички за ќебапи, како и хартија што се користи во пекарниците.
Причината поради која PFAS-соединенијата долго време се користеле во ваквата амбалажа е нивната способност да одбиваат вода и маснотии. Благодарение на овие својства, хартијата и картонот не се натопуваат толку лесно и маснотијата не продира брзо низ материјалот.
Но, токму поради карактеристиките на овие хемикалии, Европската Унија воведува значителни ограничувања.
Според новите правила, на пазарот во ЕУ не смее да се става амбалажа наменета за контакт со храна доколку содржи PFAS во концентрации што се еднакви или повисоки од утврдените максимални граници.
За поединечни PFAS-соединенија дозволената граница е 25 ppb, додека за збирот на целно анализираните PFAS-соединенија границата е 250 ppb. За вкупната содржина на PFAS, при што се вклучуваат и полимерните PFAS, утврдената граница е 50 ppm.
Германските организации за заштита на потрошувачите сметаат дека границите се поставени на толку ниско ниво што намерното додавање PFAS во ваквата амбалажа во практика речиси и да не е возможно.
За обичните потрошувачи, сепак, нема потреба од преземање какви било посебни мерки. Одговорноста за усогласување со новите правила е на производителите, увозниците и останатите компании и учесници во синџирот на снабдување.
Важен детал е тоа што новите ограничувања не значат дека целата амбалажа што веќе се наоѓа во продавниците или кај угостителите мора веднаш да биде повлечена.
Амбалажата која била ставена на пазарот во Европската Унија пред 12 август може да остане во промет. Новите ограничувања се однесуваат на амбалажата која од денеска за првпат се пласира на пазарот.
Но, што всушност се PFAS?
Ова е кратенка која опфаќа голема група синтетички хемиски соединенија. Постојат илјадници различни PFAS-супстанции, кои се користат во различни производи токму поради нивната отпорност на вода, маснотии и дамки.
Често се нарекуваат и „вечни хемикалии“, бидејќи се исклучително постојани и можат долго да опстојуваат во животната средина. Токму нивната долготрајност е една од причините поради кои употребата на одредени PFAS предизвикува внимание кај научниците и регулаторите.
Европската регулатива посебно ја издвојува амбалажата за храна како еден од можните извори на изложеност на овие соединенија. Во образложението на правилата се наведува дека PFAS од материјалите кои доаѓаат во контакт со храната можат да придонесат за изложеност на луѓето.
Дополнителна загриженост предизвикува фактот што овие супстанции се многу постојани, додека кај одредени PFAS се утврдени ефекти кои претставуваат ризик за животната средина и здравјето.
Новите ограничувања се дел од пошироката реформа на системот за амбалажа во Европската Унија. Целта на реформата не е само ограничување на одредени хемикалии, туку и намалување на огромното количество амбалажен отпад што се создава секоја година.
Европските правила истовремено имаат за цел да поттикнат поголема повторна употреба на амбалажата и зголемување на рециклирањето, како и постепено ограничување на материјали и супстанции кои можат да создаваат проблеми за животната средина или за луѓето.
За граѓаните, најважната промена е што отсега амбалажата за храна што првпат се пласира на пазарот во ЕУ ќе мора да ги исполнува новите, многу построги ограничувања за PFAS. Оние производи и амбалажи кои веќе биле легално ставени на пазарот пред стапувањето на новите правила, пак, не мора автоматски да се повлекуваат.









