Германската централна банка издаде алармантно предупредување за состојбата на финансиската стабилност во Германија, укажувајќи дека растечкото ниво на јавен долг во Европа претставува сериозен ризик за целокупниот европски и германски финансиски систем.
Според Бундесбанк, високите односи меѓу јавниот долг и БДП во европските држави, кои продолжуваат да растат, создаваат опасност од намалување на одржливоста на јавните финансии. Банката нагласува дека зголемените јавни трошоци и растот на каматните стапки дополнително го оптоваруваат буџетот на земјите и ја нарушуваат нивната финансиска стабилност.
„Германскиот финансиски систем е длабоко интегриран во европскиот, а со оглед на блиската врска меѓу државите и банките, постои реална можност оваа ситуација да се претвори во значителен ризик за германската стабилност,“ предупреди членот на извршниот одбор на Бундесбанк, Михаел Теурер.
Тој истакна дека новите германски фискални регулативи, кои неодамна беа изменети, не гарантираат долгорочна одржливост ниту целосна усогласеност со фискалните правила на Европската унија, што би можело да наметне потреба од прилагодување на фискалната политика во наредниот период.
Како посебен ризик, Бундесбанк го издвојува падот на квалитетот на банкарските портфолија, особено во секторот за комерцијални недвижности, кој се соочува со раст на нефункционални кредити. Банкарските институции се приморани да прават корекции во вредноста на своите кредитни портфолија, иако засега ситуацијата, според нив, е „во рамките на управлива контрола“.
Централната банка предупредува дека влошеното макрофинансиско опкружување, во комбинација со економската неизвесност, трговските предизвици и геополитичките тензии, може да ја разниша финансиската стабилност на Германија во наредните месеци.














