Турските власти привеле 17 фудбалски судии и еден претседател на премиерлигашки клуб, во рамки на истрага за местење натпревари и незаконско обложување. Аферата избувна откако беа откриени сериозни неправилности во работењето на судиите во професионалните лиги.
Истражителите откриле дека голем број судии имале сметки за обложување, а 152 од нив активно учествувале во обложувања, што довело до сериозни сомнежи за манипулирање со резултати. По откривањето на аферата, 149 судии и нивните помошници беа суспендирани, додека Турската фудбалска асоцијација ја оцени ситуацијата како морална криза за турскиот фудбал.
Обвинителството најави продолжување на истрагата, а приведените лица се соочуваат со кривични пријави за занемарување на должностите и кривични дела поврзани со обложувања и влијание врз резултатите на натпреварите.















