Европската Унија воведе нови, построги правила за издавање визи за руските државјани, наведувајќи дека мерката е одговор на „употребата на миграцијата како оружје, актите на саботажа и можната злоупотреба на визите“.
Според Европската комисија, руските граѓани повеќе нема да можат да добиваат визи со повеќекратен влез и ќе мора да аплицираат за нова секој пат кога патуваат во земјите од ЕУ. Исклучоци ќе има само за дисиденти, независни новинари и активисти за човекови права.
„Почнувањето војна и очекувањето слободно движење во Европа е тешко да се оправда“, порача високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас. Таа додаде дека новите правила се воведуваат поради континуирани обиди за мешање и саботажа со беспилотни летала на европско тло.
„Патувањето во ЕУ е привилегија, а не нешто што се подразбира“, истакна Калас, нагласувајќи дека мерката има за цел да го заштити јавниот ред и безбедноста во Унијата.















