Поранешниот хрватски репрезентативец и легенда на Милан, Дарио Шимиќ, е уапсен во рамки на антикорупциска акција што ја спроведуваат хрватскиот УСКОК и полицијата.
Според информациите на хрватските медиуми, заедно со Шимиќ е приведена и поранешната раководителка на Одделението за туризам во Шибенско-книнската жупанија, Неда Ливљаниќ.
Истражителите се сомневаат дека Шимиќ преку незаконски врски обезбедил потребни дозволи за изградба на туристички камп во Тисно. Ливљаниќ и претходно била предмет на истрага поради слични сомнежи.
Дарио Шимиќ важи за еден од најуспешните хрватски фудбалери. Во кариерата настапуваше за Динамо Загреб, Интер, Милан, Монако и повторно за Динамо, а со Милан двапати ја освои Лигата на шампионите. За репрезентацијата на Хрватска одигра 100 натпревари и беше дел од генерацијата што го освои бронзениот медал на Светското првенство во Франција во 1998 година.
По завршувањето на играчката кариера се посвети на бизнисот и работеше во фудбалската администрација, но сега повторно се најде во центарот на вниманието поради истрагата за сомнителното издавање дозволи.
Случајот е во фаза на истрага, а надлежните институции треба да утврдат дали има основ за покренување обвинение.








