Незадоволство поради една училишна оценка прераснало во инцидент во основно училиште во Задар, каде мајка на ученик била казнета откако физички ја нападнала директорката на училиштето.
Општинскиот суд во Задар ѝ изрекол парична казна од 700 евра за нарушување на јавниот ред и мир на особено дрзок начин. Според законските одредби, за ваков прекршок е предвидена казна од 700 до 4.000 евра или затворска казна до 30 дена.
Случајот се случил на 7 јули 2022 година, во едно основно училиште во Задар. Мајката дошла во училиштето незадоволна од последната оценка на нејзиниот деветгодишен син по предметот физичко образование.
Таа побарала оценката 4 да биде променета во 5, образложувајќи дека нејзиниот син, кој имал просек 4,44, заслужува повисока оценка и дека има попреченост.
Во разговорот била повикана и директорката на училиштето, која пред судот раскажала дека се обидела да ѝ објасни на мајката дека роковите за поднесување жалба веќе поминале и дека во последните две недели од учебната година не се одржуваат индивидуални разговори со родители.
Според сведочењето на директорката, по објаснувањето ситуацијата станала напната.
„Мајката почна да вика и да удира со тупаници по масата. Ѝ кажав да се смири и дека ќе повикам полиција. Кога тргнав да ја земам чантата за да го извадам телефонот, таа ме удри по раката со отворена дланка“, изјавила директорката пред судот.
По инцидентот, мајката ја напуштила просторијата, а потоа ја доставила жалбата преку училишната администрација.
Одбраната на мајката ги отфрлила обвиненијата, посочувајќи дека нејзиното сведочење не се совпаѓа со изјавата на обвинетата. Адвокатот оценил дека исказот на директорката е нелогичен и спротивен на одбраната на неговата клиентка.
Мајката во писмената одбрана навела дека не се чувствува виновна и дека не предизвикала страв или вознемиреност кај директорката и училишниот психолог. Таа тврдела дека не дошло до физички конфликт и дека таа не ја удрила директорката, туку дека била навредена од другата страна.
Сепак, судот ги прифатил доказите и заклучил дека мајката го сторила прекршокот. Како олеснителна околност било земено предвид тоа што претходно немала прекршочни пресуди.
При одредувањето на казната, судот ги разгледал околностите на случајот, степенот на вина, сериозноста на нарушувањето, како и нејзината финансиска и семејна состојба.
Судот оценил дека паричната казна е доволна за да се постигне целта на санкцијата и да се спречат слични ситуации во иднина.








