Дваесет и двегодишна девојка од околината на Копривница, позната како Сузи и како креаторка на содржини на платформата OnlyFans, завршила пред суд по инцидент со полициски службеници во Хрватска.
Според информациите што ги објавуваат хрватските медиуми, сè започнало околу 22:30 часот, кога полицијата интервенирала поради нарушување на јавниот ред и мир. Кога службениците се обиделе да ја легитимираат, девојката почнала да бега.
Полицајците ѝ наредиле да застане, но според наводите од случајот, таа продолжила да се спротивставува и да ги навредува, по што ситуацијата прераснала во физички инцидент.
При обидот да биде приведена, Сузи најпрво се обидела со колено да удри полицаец, но ја загубила рамнотежата и паднала. Потоа, според информациите изнесени во постапката, физички нападнала и друг полициски службеник.
Полицајците успеале да ја совладаат и да ѝ стават лисици. Поради нејзината алкохолизирана состојба, најпрво била однесена на лекарски преглед, а потоа била уапсена.
Пред судот, 22-годишната девојка го признала делото и изразила каење. Таа признала дека била под дејство на алкохол, дека ги навредувала полицајците и дека се обидела да го спречи приведувањето.
Во текот на постапката станало збор и за нејзината заработка. Сузи навела дека се занимава со самостојна дејност и онлајн рекламирање преку социјалните мрежи, од што заработува до 3.000 евра месечно.
За нападот врз полицајците била осудена на 11 месеци затвор, при што казната ќе биде заменета со работа за општо добро. Дополнително, треба да плати околу 900 евра трошоци за кривичната постапка.










