ПРВ.мк
Балкан

ВНИМАНИЕ АКО ПАТУВАТЕ ВО ГРЦИЈА - Оваа е интерактивната мапа која открива каде е забележана рибата зајак!

ВНИМАНИЕ АКО ПАТУВАТЕ ВО ГРЦИЈА - Оваа е интерактивната мапа која открива каде е забележана рибата зајак!

Токсичната инвазивна риба Lagocephalus sceleratus, позната како „риба зајак“, продолжува забрзано да се шири низ грчките мориња, поради што властите и морските експерти повторно упатија сериозно предупредување до граѓаните и туристите.

Според грчкиот медиум Radiome, овој вид првпат бил забележан во грчките води во 2005 година, а денес е распространет долж голем дел од крајбрежјето, островите и морските подрачја на Грција.

За полесно информирање на јавноста, грчката мрежа за рано предупредување за инвазивни видови ELNAIS објави интерактивна дигитална мапа преку Google My Maps, на која се означени сите досега регистрирани локации каде што е забележана „рибата зајак“, меѓу кои Крит, Егејското Море и повеќе делови од грчкото крајбрежје.

Овој вид во Средоземното Море пристигнал преку Суецкиот Канал, мигрирајќи од Црвеното Море. Оттогаш неговата популација постојано расте, а научниците предупредуваат дека претставува сериозна закана за морските екосистеми.

„Рибата зајак“ се храни со автохтони морски видови и може значително да ја наруши природната рамнотежа, особено во подрачја каде што нема природни предатори кои би ја контролирале нејзината бројност.

Поради сè поголемото ширење, грчкото Министерство за рурален развој подготвува програма за финансиска поддршка на професионалните рибари кои ќе ја ловат оваа инвазивна риба, со цел да се намали нејзината популација.

Во меѓувреме, грчкиот Црвен крст издаде препораки за тоа како да се постапи при контакт со оваа риба. Иако нејзиниот угриз не е отровен, експертите предупредуваат дека нејзините исклучително силни вилици, слични на клун, можат да предизвикаат сериозни повреди и силно крвавење.

Властите апелираат туристите и локалното население да не ја допираат доколку ја забележат во морето или на брегот и веднаш да го пријават нејзиното присуство кај надлежните служби.

Со оглед на тоа што Грција е една од најпосетуваните туристички дестинации во летниот период, надлежните ги повикуваат капачите да бидат особено внимателни при престојот во морето.