Вечерва во Подгорица се случила незамислива драма, кога девојче на возраст од само една година и четири месеци паднало од четвртиот кат на зграда на улицата Словачка.
Според првичните информации, детето по падот веднаш било пренесено во Клиничкиот центар на Црна Гора и моментално се наоѓа на одделот за интензивна нега. Иако повредите се сериозни, лекарите потврдуваат дека животот на бебето не е во опасност и дека нема витални оштетувања – нешто што го нарекуваат вистински феномен.
Очевидци раскажуваат дека детето најпрво паднало врз настрешница од клиника која се наоѓа под зградата, а потоа завршило на улица каде што во тој момент минувале автомобили. Еден возач, кој ја забележал сцената, успеал навреме да закочи и така спречил трагедија од уште поголеми размери.
За случајот е известен дежурниот јавен обвинител кој ја презел истрагата со цел да се утврди како дошло до падот и дали постои евентуална одговорност од страна на родителите или згрижувачите.
Лекарите и очевидците се согласни – спасот на ова дете е вистинско чудо.