Српската полиција го активираше системот „Најди ме“ по исчезнувањето на 14-годишната Божица Ајети во Обреновац, во близина на Белград. Станува збор за механизам што се користи во исклучителни случаи кога постои процена дека безбедноста на исчезнатото дете може да биде загрозена.
„Најди ме“ е српската верзија на меѓународниот систем „Амбер алерт“, чија цел е информациите за исчезнато дете што побрзо да стигнат до што поголем број граѓани. Системот не се активира при секое исчезнување, туку кога се исполнети посебни услови и постои процена за можен ризик.
Според информациите од српското Министерство за внатрешни работи, девојчето исчезнало во понеделникот околу 11 часот, откако се оддалечило од основното училиште „Јован Јовановиќ Змај“ во Обреновац и заминало во непознат правец.
Божица е висока околу 160 сантиметри, има слаба телесна градба, кафеави очи, долга црна коса и светол тен. Во моментот кога исчезнала, носела сива јакна, црна блуза со долги ракави, црни хеланки и бордо патики.
Од полицијата упатија апел до сите граѓани кои располагаат со информации што би можеле да помогнат во потрагата да се јават на телефонските броеви 011/192 или 064/8923-414.
Во кои случаи се активира системот „Најди ме“?
Србија го воведе системот „Најди ме“ во октомври 2023 година, по примерот на меѓународниот „Амбер алерт“. Неговата основна задача е итно да ги информира граѓаните за исчезнување на дете и на тој начин да се зголемат можностите за негово пронаоѓање.
По правило, системот се активира кога ќе исчезне дете помало од седум години, малолетник со попреченост или тешкотии во развојот, како и во ситуации кога постојат сомневања дека животот на детето е загрозен или дека можеби е жртва на кривично дело, вклучително и киднапирање.
Пред активирањето, полицијата проценува и дали јавното објавување на информациите може дополнително да ја загрози безбедноста на детето.
Кога ќе биде активиран, известувањето се дистрибуира преку телевизиските и радиостаниците, интернет-порталите и СМС-пораките. Информациите се прикажуваат и на електронските екрани покрај патиштата, на автобуските и железничките станици, како и на аеродромите.
Системот во Србија за првпат беше активиран во март 2024 година, по исчезнувањето на двегодишната Данка Илиќ во близина на Бор.
Засега српската полиција не соопшти кои конкретни околности довеле до активирање на системот во случајот со исчезнувањето на 14-годишната Божица Ајети.









