Седумдесет и едногодишна жена е повредена во експлозија што денеска околу 11:45 часот се случила во семејна куќа во населбата Шијана во Пула.
Според информациите од хрватската полиција, повредената веднаш била згрижена од екипите на Итната медицинска помош, а потоа со медицински хеликоптер била пренесена во болница на понатамошно лекување. Засега не се соопштени детали за тежината на нејзините повреди.
Од Јавната противпожарна единица во Пула информираа дека пријавата за експлозијата ја добиле во 11:41 часот, по што на местото веднаш биле испратени две противпожарни возила и шест пожарникари.
Иако станува збор за силна експлозија, по неа не избувнал пожар. Пожарникарите го обезбедиле местото на настанот за медицинските екипи безбедно да интервенираат, а истовремено го подготвиле просторот за слетување и полетување на хеликоптерот со кој повредената била транспортирана до болница.
Полициски екипи извршуваат увид, а надлежните институции работат на утврдување на причините и околностите што довеле до експлозијата.









