Голем и опасен пожар го зафати грчкиот остров Тасос, при што областа Гликади кај Лименас гори веќе повеќе од шест часа, а пламенот се прошири и во Пахија и Рахони. Оваа драматична ситуација започна синоќа околу 23 часот, а туристите се во паника, еден хотел е евакуиран, а многумина се обидуваат да го напуштат островот.
Според „Грција Инфо“, пожарот избувнал во близина на пристаништето Лименас и се проширил толку брзо што пламените јазици се видливи дури и од Кавала. Горел шумски појас полн со борови дрвја, карактеристични за Тасос, а маслинови дрвја и пчелни колонии се уништени.
Грчките медиуми јавуваат дека објекти засега не се директно загрозени, со исклучок на хотелот во областа Пачи кој е евакуиран превентивно. Еден плажен бар во Гликади е целосно изгорен.
Паниката меѓу туристите е голема – многумина побегнале кон пристаништето Лименас со намера што побрзо да ги напуштат своите сместувања. Првиот ферибот утрото тргнал од Лименас кон Керамоти, преполн со патници. Во меѓувреме, патот од Пахис до Лименас е затворен, а се формирале редици. На возачите им се препорачува алтернативна рута преку Лименарија – Потос – Потамија – Панагија за да стигнат до Лименас.
Градоначалникот на Тасос, Лефтерис Киријакидес, апелираше на социјалните мрежи да не се шири паника:
„Престанете со објави што предизвикуваат страв. Целиот Тасос е обединет на првата линија. Потребна е смиреност и координација.“
Во гаснењето се вклучи и првиот авион кој слета на островот во 5:50 часот, додека засилени сили од противпожарни и полициски единици, како и волонтери, пристигнаа во текот на денот во Лименас.
Островот Тасос сега води битка со времето, огнот и стравот – додека жителите и туристите се надеваат на спас и мирна вечер.