На 47. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, која се одржува во Париз, беше донесена значајна одлука со која на Република Македонија и на Република Албанија им се овозможува дополнителна една година за спроведување на корективните мерки за заштита и зачувување на исклучителното природно и културно наследство на Охридскиот регион.
Оваа одлука е потврда за сериозниот пристап и координирани напори што ги презема Владата на Република Македонија, во тесна соработка со Владата на Република Албанија. Членките на Комитетот и другите релевантни тела ги препознаа заложбите на двете држави, што придонесе да се даде нова временска рамка за спроведување на активностите за заштита на ова уникатно подрачје, кое претставува гордост за целиот свет.
Одлуката на Комитетот е силна мотивација за Владата да продолжи со уште поголема посветеност кон целосна имплементација на корективните мерки, согласно препораките од реактивните мисии на УНЕСКО од 2020 и 2024 година, како и Стратегискиот план за рехабилитација на регионот.
Во изминатите години, препораките на УНЕСКО беа запоставувани, а вредностите на Охридскиот регион беа доведени во ризик. Денес, Владата јасно ја покажува својата определба: Охрид да остане дел од листата на светско наследство, со што ја исполнуваме обврската и одговорноста што ја имаме кон граѓаните и идните генерации.
Во координација со сите надлежни институции – Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина и просторно планирање, Управата за заштита на културното наследство, Министерството за надворешни работи и националните експерти – Владата ќе продолжи со конкретни активности за заштита на овој непроценлив регион.
Охрид и неговото наследство заслужуваат вистинска грижа, заштита и развој, а државата е целосно подготвена да го исполни тоа.