Слаткарница во ексклузивното турско летувалиште Бодрум се најде под удар на инспекциите откако на социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа дека една топка сладолед се продава за неверојатни 400 турски лири, односно околу 7,5 евра.
Станува збор за објект во Јаликавак, една од најпознатите и најлуксузни дестинации во областа Бодрум, која е омилено место за одмор на богати туристи и сопственици на луксузни јахти.
Видеото, снимено во локалната марина, брзо се прошири на социјалните мрежи и предизвика бројни реакции кај туристите и локалното население. Многумина ја критикуваа високата цена, барајќи од надлежните да реагираат поради, како што наведоа, неоправдано поскапување.
По реакциите, турското Министерство за трговија спроведе инспекциски надзор во слаткарницата. При контролата биле утврдени неправилности, по што биле преземени административни мерки, а случајот бил доставен до Одборот за процена на неоправдано високи цени.
Од Министерството порачаа дека контролите ќе продолжат низ цела Турција, особено во туристичките места за време на летната сезона. Инспекторите ќе проверуваат дали објектите ги почитуваат правилата за јасно истакнување на цените и дали има прекршувања поврзани со наплатата на услугите.
Бодрум со години е познат како една од најскапите туристички дестинации во Турција, а високите цени во рестораните, хотелите и угостителските објекти често предизвикуваат реакции кај посетителите.







