Мобилен тим на Царинската управа спречил обид за криумчарење на 2.000 вијали со медицинскиот раствор „Гадонанс“, кои биле сокриени во кабината на товарно возило на граничниот премин Деве Баир.
Според информациите од Царинската управа, возачот, косовски државјанин вработен во транспортна компанија, превезувал алуминиумски профили на релација Турција – Косово. При царинската контрола изјавил дека нема ништо за пријавување освен декларираната стока, по што била извршена детална проверка на возилото.
При контролата биле пронајдени 2.000 медицински вијали, спакувани без оригинално пакување и сокриени на повеќе места во кабината – во горниот и долниот кревет, фабрички прегради, над возачкото седиште и меѓу личниот багаж.
Медицинските препарати се запленети, а Одделението за истраги при Царинската управа поднело кривична пријава против возачот поради сомнение за криумчарење.
Од Царинската управа потсетуваат дека растворот „Гадонанс“, кој се користи при магнетна резонанца, подлежи на строги правила за увоз, транспорт и чување. Воедно информираат дека од почетокот на годинава спречиле 13 обиди за криумчарење и заплениле околу 29.000 парчиња лекови и медицински препарати.









