Србинот Саша Стојановиќ (35), кој на 30 август побегнал од германскиот затвор Дуисбург-Хамборн, веќе два месеца успешно ја избегнува полицијата. Во меѓувреме, истрагата открива нови детали за неговото бегство, но и необичен потпис што го оставил зад себе – во затворските документи, наместо сопственото име, го напишал „Спајдермен“.
Иако по него е распишана меѓународна потерница, германската полиција во Дуисбург, според медиумските извештаи, сè уште нема добиено конкретни информации за неговото движење од денот кога избегал низ прозорецот на својата ќелија, која се наоѓала на третиот кат.
Германските медиуми објавија дека во неговата затворска соба биле пронајдени документи и списи со необичен детал. Меѓу нив имало и отпечатена неправосилна пресуда за кривичното дело за кое бил уапсен. На местото каде што требало да стои неговото име, Стојановиќ го прецртал името и презимето и напишал „Спајдермен“, пренесува порталот WDR, повикувајќи се на извор близок до случајот.

КАКО УСПЕАЛ ДА ГИ ИСЕЧЕ РЕШЕТКИТЕ И ДА ИЗЛЕЗЕ ОД ЗАТВОРОТ?
Истрагата сè уште се обидува да утврди како Стојановиќ успеал да внесе алат во затворот, со која ги пресекол металните решетки на прозорецот. Не е разјаснето ниту дали некој од затворениците или од затворскиот персонал му помогнал во бегството.
Според досегашните сознанија, откако излегол од ќелијата, тој се искачил на покривот на затворот, а потоа најверојатно се спуштил по дрво до улицата.
Безбедносните мерки во установата биле предмет на дополнителна проверка. Вработени во Министерството за правда ги прегледувале и дрвјата во околината на затворот, проверувајќи дали нивната положба можела да му овозможи на бегалецот да стигне до улицата.
Германските истражители претходно соопштиле дека Стојановиќ направил отвор на прозорецот со димензии 27 на 35,5 сантиметри – малку поголем од кутија за чевли.
СЕ СОМНЕВААТ ДЕКА ИМАЛ ПОМОШ ОД ДРУГ ЗАТВОРЕНИК
Особено внимание привлекуваат настаните што се случиле во ноќта на бегството, околу 3:20 часот наутро. Според информациите објавени во германските медиуми, во затворот се случила низа инциденти кои го одвлекле вниманието на чуварите токму додека Стојановиќ работел на отворање на решетките.
Најпрво, чуварите се упатиле кон крилото во кое се наоѓала неговата ќелија, откако слушнале силна бучава и врева. Додека се обидувале да утврдат од каде доаѓа звукот, во сосема друга ќелија бил активиран итниот аларм за помош.
Кога чуварите пристигнале таму, затвореникот им рекол дека копчето го притиснал по грешка, бидејќи наводно сакал да го вклучи светлото.
Во тие моменти, други затвореници почнале да довикуваат низ прозорците: „Србинот успеа! Србине, избега!“
Сега истражителите проверуваат дали затвореникот кој го активирал алармот намерно му помогнал на Стојановиќ, одвлекувајќи го вниманието на чуварите и овозможувајќи му дополнително време за бегство. Ова засега е предмет на истрага, а не потврден факт, објави германскиот портал RP Online.
Министерот за правда на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија по бегството изјавил: „Многу малку луѓе би биле способни за тоа“.
ЗА ШТО БИЛ ОСОМНИЧЕН СРБИНОТ?
Стојановиќ се наоѓал во притвор поради сомневање за кражба на околу 200.000 евра и вреден златен накит.
На 20 мај 2026 година бил неправосилно осуден на шест години затвор за две провали во германскиот град Оберхаузен, при кои биле одземени споменатите вредности.
Германското Министерство за правда соопштило дека Стојановиќ и претходно бил осудуван и дека пред апсењето во Германија издржувал затворска казна во Србија поради тешка кражба.
Според наводите на извор близок до истрагата, германските истражители веруваат дека тој имал претходни искуства со провали и тешки кражби на Балканот, каде што наводно развил методи за избирање цели и совладување безбедносни системи.
Во медиумските извештаи се наведува и дека по излегувањето од српскиот затвор почнал да користи лажни идентитети и фалсификувани документи, со кои наводно се движел низ Франција, Белгија и Германија.
Истражителите проверуваат и можноста дека има поддршка од лица на Балканот, како и сомнежот дека би можел да се обиде да се скрие во Србија или во некоја од соседните земји. Неговата можна крајна дестинација засега не е потврдена.
АПЕЛ НА ГЕРМАНСКАТА ПОЛИЦИЈА: ЈАВНОСТА ДА ПОМОГНЕ ВО ПОТРАГАТА
Саша Стојановиќ бил во притвор од 10 февруари 2026 година, по апсењето во Белгија. И во Франција бил осомничен за неколку кражби и напад врз полициски службеник.
Германската полиција предупредува дека Стојановиќ користи и други, лажни идентитети, а од јавноста бара помош во неговото пронаоѓање.
Според полицискиот опис, тој е висок околу 175 сантиметри, тежи приближно 75 килограми, има слаба телесна градба и високо чело. На десната надлактица има карактеристична тетоважа со женско лице, а во моментот на бегството имал кратка кафеава коса.
И покрај меѓународната потерница и обемната истрага, неговото движење и местото каде што се наоѓа сè уште не се познати.









