Проценките покажуваат дека една од 12 жени во Македонија до навршување на 75-годишна возраст може да заболи од рак на дојка. Загрижува и податокот дека возрасната граница на која се појавува болеста значително се намалува – од претходните 65 до 75 години, сега се бележат случаи и кај жени на возраст од 35 години.
Ова го истакна д-р Гордана Ѓорчева-Камчева, радиолог од Општата болница во Кавадарци, која учествуваше на трибината „Розевиот месец октомври“, организирана од велешката болница. Целта на настанот беше да се подигне свеста за превенцијата, редовните прегледи и навременото откривање на ракот на дојка.
Според препораките што ги изнесе докторката, жените од 35-годишна возраст треба да започнат со самопрегледи или ултразвучни прегледи, додека на 40 години треба да направат и мамографија.
Таа објасни дека ракот на дојка настанува поради неконтролирано размножување на клетките, при што се формира малиген тумор. Во почетната фаза болеста често не предизвикува болка, поради што некои жени не забележуваат промени и не побаруваат лекарска помош навреме.
Жените се значително почесто погодени од ова заболување, додека кај мажите се регистрира околу еден процент од случаите. Како фактори кои можат да влијаат врз појавата на болеста, д-р Ѓорчева-Камчева ги посочи семејната предиспозиција, долготрајната употреба на хормонска контрацепција, стресот, продолженото консумирање алкохол, пушењето, нездравата исхрана и дебелината.
Како еден од знаците на кои треба да се обрне внимание ја посочи и промената на положбата на брадавицата, односно нејзиното повлекување навнатре.
150 бесплатни скрининг-мамографии во Кавадарци и Росоман
Во рамките на активностите посветени на женското здравје во октомври, ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци преку Одделот за радиологија обезбеди 150 бесплатни скрининг-мамографии.
Оваа можност е наменета за жени од општините Кавадарци и Росоман, на возраст од 40 до 80 години, кои во изминатите две години не направиле мамографија и немаат веќе закажан преглед преку Кабинетот за дојка.
Но, и покрај апелите за редовни превентивни прегледи, жените во Велес се соочуваат со сериозни тешкотии при закажувањето. Дел од нив чекаат по два или повеќе месеци за термин, иако сакаат навреме да направат мамографија.
Проблемот со долгото чекање го потврди и матична докторка од Кавадарци, која присуствуваше на трибината. Таа посочи дека особено тешко доаѓаат до преглед пациентките кои немаат симптоми, но сакаат да направат превентивна контрола.
„Имаме проблем со пациентките кои не се дијагностицирани, кои се асимптоматски. Тие чекаат долго, и по шест-седум месеци. Имаме различни групи за закажување. Кај нас во Кавадарци, тие што се излекувани, а доаѓаат на контрола, брзо добиваат термин“, истакна докторката.
ИЗЛЕКУВАНИ ПАЦИЕНТКИ ПОВТОРНО СЕ СООЧУВААТ СО ДОЛГО ЧЕКАЊЕ
Проблемот не ги заобиколува ниту жените кои веќе поминале низ операција и лекување и на кои им се потребни редовни контролни прегледи.
Една поранешна пациентка од Велес раскажа дека 13 години живее по операцијата, но и покрај тоа што има потреба од контрола, веќе два месеца чека термин за мамографија.
„Тринаесет години живеам по операцијата. Чекам два месеца, од август, за контрола со мамографија. А термин немам, иако сум пријавена преку матичен лекар. Немам никакви олеснувања, иако се оперирав“, сведочеше таа.
Д-р Ѓорчева-Камчева објасни дека доделувањето на термините не зависи директно од матичните лекари или радиолозите, туку од системот „Мој термин“, кој ги распределува пациентките во соодветните кабинети.
Таа изрази очекување дека проблемот ќе биде надминат и дека жените ќе можат да добиваат термини во пократок рок. Во однос на контролните прегледи на излекуваните пациентки, посочи дека распределбата ја врши самата болница и дека имало ситуации кога биле обезбедени термини, но немало пријавени пациентки.
ХИРУРЗИТЕ: РАНОТО ОТКРИВАЊЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ПРЕСУДНО
На трибината беше објаснето и како се одредува начинот на хируршко лекување откако ќе се потврди дека туморот е малиген.
Хирургот д-р Петар Ставревски посочи дека тогаш се разговара за можностите за операција – дали ќе биде потребно целосно отстранување на дојката или ќе се отстрани само делот во кој се наоѓа туморот.
Д-р Петре Кодовски нагласи дека ракот на дојка е заболување кај кое раното откривање има особено големо значење, а тоа го потврдуваат и практиката и светските искуства.
Тој раскажа и за случај од Велес од минатото лето, кога кај жена на возраст од 75 до 80 години бил откриен тумор тежок пет килограми на левата дојка. Според неговото сведоштво, жената претходно ја изгубила ќерката и не сакала повеќе да живее, поради што свесно го занемарувала сопствениот здравствен проблем.
По разговори и убедување, таа се согласила на операција во велешката болница. Хирургот посочи дека туморот бил отстранет и дека жената денес е жива.
ВО ВЕЛЕШКАТА БОЛНИЦА СЕ ЗАКАЖУВААТ ПО 18 МАМОГРАФИИ НЕДЕЛНО
Од ЈЗУ Општа болница Велес информираа дека во Кабинетот за дојка неделно се закажуваат по 18 мамографски прегледи, кои се реализираат во вторник, среда и четврток.
Од болницата забележуваат и зголемен број пациентки кои доаѓаат од Кавадарци и Неготино. За ултразвучни прегледи на дојка, како што наведуваат, пациентките се упатуваат во болницата „Св. Наум Охридски“ во Скопје.
Пораките од трибината се јасни: редовните прегледи, самопрегледот и навременото реагирање при забележување промени се важни во борбата против ракот на дојка. Но, за превенцијата да биде достапна за сите, неопходно е жените да можат да добијат и навремен термин за потребните дијагностички прегледи.







