Грчките власти воведуваат привремени ограничувања за движење на пешаци и возила во одредени шумски подрачја на Халкидики, поради зголемениот ризик од избувнување пожари.
Мерките стапуваат на сила од петок, 14 август, еден ден по големиот пожар што избувна во Сивири.
Ограничувањата ќе важат во делови од Касандра и Ситонија, во периодот од 8 до 20 часот. Во подрачјето на Аристотелис, каде опасноста од пожари е оценета како многу висока, забраната ќе трае до 8 часот во сабота.
Со мерките се опфатени и подрачјата меѓу Комица и Уранополис, како и зоната во близина на Стратони.
Полицијата ќе ги контролира пристапите кон шумските патишта, а лицата затекнати во забранетите подрачја може да бидат упатени веднаш да ги напуштат. За непочитување на мерките е предвидена глоба од 300 евра.
Исклучок од забраната имаат волонтерите кои се вклучени во активности за превенција и гаснење пожари.
За туристите кои веќе престојуваат на Халкидики, како и за оние кои планираат патување во следните денови, најважно е редовно да ги следат официјалните известувања на грчките власти и да ги почитуваат евентуалните наредби за евакуација.









