По изборната победа на Студентската листа во Србија, сè поголемо внимание привлекува прашањето кој ќе ја предводи новата влада. Меѓу имињата што се споменуваат како можни кандидати за премиер е Дејан Шошкиќ, поранешен гувернер на Народната банка на Србија и универзитетски професор по економија.
Шошкиќ, роден во Белград во 1967 година, важи за еден од најпознатите економски експерти во земјата. Дипломирал како студент на генерацијата, докторирал во областа на финансиите, а се усовршувал во САД, Франција и Швајцарија. Бил и Фулбрајтов стипендист.
Неговиот судир со политиките на Српската напредна странка започнал уште во 2012 година, кога поднел оставка од функцијата гувернер поради најавените законски измени што, според него, ја загрозувале независноста на централната банка.
На неговото место тогаш дошла Јоргованка Табаковиќ од СНС.
Во годините што следувале, Шошкиќ често ја критикувал економската политика на власта, предупредувајќи на корупцијата, недоволните инвестиции и проблемите со економскиот развој.
Вучиќ, пак, за време на изборната кампања иронично изјавил дека би го поставил Шошкиќ за премиер само за повторно да го „уништи динарот“, алудирајќи на неговиот претходен гувернерски мандат.
Шошкиќ се најде на 27. место на Студентската листа „Студентите победуваат“, со што првпат директно се вклучи во изборната политика.
Во интервју за британски „Тајмс“, тој нагласил дека новата власт треба да обезбеди транспарентност на јавните договори, независно судство и обвинителство, слободни медиуми и борба против корупцијата.
Неговото искуство во управувањето со важна државна институција и економската експертиза се наведуваат како главни причини поради кои се разгледува како можен премиер.
Сепак, Студентската листа засега официјално не потврдила дека Шошкиќ ќе биде нејзин кандидат за мандатар.
Изборот на идниот премиер ќе биде и важен тест за единството на новото парламентарно мнозинство, составено од личности со различни политички и идеолошки ставови.








