Хрватска може привремено да ја стопира примената на дел од новиот европски Систем за влез/излез (EES) доколку на границите се создадат големи гужви и долгo чекање, објави Хрватската радиотелевизија (HRT).
Според најавите, во итни ситуации кога времето на чекање би надминало 45 минути, граничната полиција ќе може привремено да го прекине внесувањето биометриски податоци од патниците. Тоа значи дека во одредени моменти нема да се земаат отпечатоци од прсти и нема да се фотографира лицето на патниците, но проверката на пасошите ќе остане задолжителна.
„Постојат можности за краткорочна и привремена флексибилност и ќе ги искористиме доколку има потреба“, изјави хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ.
Тој нагласи дека системот EES е воведен пред сè со цел зголемување на безбедноста на граѓаните на Европската унија, но призна дека неговото воведување создаде дополнителни оптоварувања на границите, особено во текот на летната туристичка сезона.
Новиот систем ги регистрира влезовите и излезите на државјани од земји кои не се членки на ЕУ, а биометриските проверки дополнително го продолжија времето на граничните премини. Поради тоа, во периоди со засилен сообраќај се појавија подолги колони и поголеми задржувања.
Божиновиќ откри дека од почетокот на примената на системот, околу 5.000 лица биле спречени да влезат во Европската унија поради непочитување на условите за влез.
Хрватските власти сега најавуваат дека ќе ја следат состојбата на границите и, доколку има потреба, ќе применат привремени мерки за да се избегнат дополнителни застои во текот на туристичката сезона.








