Грчките власти воведуваат финансиска мерка со која рибарите ќе бидат наградувани за секој уловен килограм од опасната зајачка риба, инвазивен и отровен морски вид кој предизвикува сериозни проблеми во екосистемот и рибарството.
Според новата програма, рибарите ќе добиваат по 5,33 евра за секој килограм уловена зајачка риба. Оваа мерка има за цел да го намали ширењето на видот кој е штетен за морскиот баланс, но и опасен за консумација.
Покрај еколошките последици, зајачката риба им создава и практични проблеми на рибарите, бидејќи често ја оштетува рибарската опрема и ја намалува уловната вредност на другите видови.
Програмата првично ќе се спроведува на островот Крит и во јужниот дел на Егејското Море, региони каде е најзастапена појавата на овој инвазивен вид.
Од надлежните институции посочуваат дека мерката е дел од поширока стратегија за поддршка на рибарството и заштита на морскиот екосистем, а слични практики веќе се применуваат и во други земји од регионот, како Кипар.









