Кало де Моро, некаде некогаш скриена и недопирлива плажа на Мајорка, денес е жив доказ за тоа како социјалните мрежи можат да уништат природен рај. Благодарение на Instagram и TikTok, овој залив стана светски познат, но сега е симбол на сè што не чини со масовниот туризам.
Плажата, која беше позната по тиркизната вода и недостапноста, сега е целосно преплавена со туристи и отпадоци. Илјадници посетители дневно го газат песочниот брег, оставајќи зад себе пластични шишиња, остатоци од храна и сè што не припаѓа таму. Статистиката е поразителна: секои три месеци исчезнуваат дури шест тони песок поради прекумерна употреба.
Властите минатата година се обидоа да решат дел од проблемот така што ги насочуваа инфлуенсерите да ги промовираат помалку познатите локации. Но ефектот беше контрапродуктивен. Кало де Моро доби уште поголема слава, а со тоа и уште повеќе уништување.
Локалните жители решија да не молчат. Над 300 луѓе организираа протест директно на плажата. Делеле летоци на паркинзите, а некои дури и физички ги запирале туристите, упатувајќи ги да си заминат. Со транспаренти во рака и решеност во ставот, тие испраќаа јасна порака: „Ова е наш дом, не ваша Instagram дестинација“.

„Ги видов сликите на TikTok и сакав да дојдам“, вели една Украинка, Кристина Вашченко, „но кога сфативме дека мештаните протестираат, решивме да бараме друга плажа. Разбираме зошто се лути.“
Откако протестите станаа вест, властите се обидоа да го санираат штетниот ефект – ги отстранија сликите на заливот од официјалните туристички страници. Но мештаните велат дека е предоцна – ерозијата е реална, ѓубрето е насекаде, а природата веќе страда.
Ова не е изолиран случај. Во повеќе градови низ Шпанија, вклучително и Барселона и Палма де Мајорка, луѓето излегуваат на улица барајќи крај на безконтролираниот туризам. Пораките што ги носат се остри, но јасни: „Туристи, одете си дома“, „Нашите улици не се сцена за ваши слики“, „Барселона не е на продажба“ и „Плажите не се ваше сметлиште“.
Кало де Моро сега е предупредување. Местото кое некогаш го знаеја само локалците, денес е пример за тоа како виртуелната слава може да претвори рај во депонија.