Нов трговски спор се отвора меѓу Европската Унија и Бразил, откако Брисел го запре увозот на бразилско месо, образложувајќи ја одлуката со непочитување на строгите европски правила за безбедност на храната. Од Бразилија веќе стигна остро предупредување дека доколку ограничувањата останат во сила, „сите опции се на маса“.
Европската комисија донела одлука со која Бразил е отстранет од листата на земји кои ги исполнуваат условите за извоз на месо на европскиот пазар. Како една од клучните причини се наведува употребата на антибиотици за поттикнување на растот кај животните, практика која е забранета според европските правила.
Одлуката стапила во сила оваа недела, по инспекциски наоди според кои Бразил повеќе не ги исполнува условите на Европската Унија во делот на безбедноста на храната. Паралелно, европските власти спроведуваат ревизии поврзани и со увозот на живинско месо и мед од Бразил.
Од Европската комисија наведуваат дека од бразилските власти не добиле доволно гаранции кои би овозможиле редовна и сигурна контрола на производството на говедско месо и усогласеноста со европските стандарди.
Бразилскиот амбасадор при Европската Унија, Педро Мигел да Коста е Силва, остро ја критикувал одлуката и оценил дека дополнителните ревизии и инспекции на терен не биле неопходни, бидејќи Бразил, според него, веќе доставил доволно гаранции за квалитетот и безбедноста на своите производи.
„Немаше потреба од ревизија, ниту за живината, ниту за медот, ниту за говедското месо, бидејќи такви контроли не се спроведуваат за други земји. Дадовме доволни гаранции“, изјавил Да Коста е Силва, пренесува „Јуроњуз“.
Амбасадорот потврдил дека разговорите со Европската комисија ќе продолжат, но истовремено предупредил дека Бразил би можел да преземе контрамерки доколку неговите земјоделски производи и понатаму имаат ограничен пристап до европскиот пазар.
Бразил е еден од најголемите светски извозници на говедско и пилешко месо, поради што прекинот или ограничувањето на испораките кон европскиот пазар би можел да има пошироки последици врз меѓународната трговија и снабдувањето со месо.
Ситуацијата може да има индиректно влијание и врз земјите од регионот, вклучително и Македонија, особено доколку евентуалните трговски ограничувања предизвикаат промени во цените на суровините и месните производи на европскиот пазар.
Дали трговскиот спор ќе се продлабочи или Брисел и Бразилија ќе постигнат договор, останува да се види во периодот што следува.









