ПРВ.мк
Балкан

РАМА БЕЗ МИЛОСТ ДО ПРОТЕСТАНТИТЕ: „Проектот во Зврнец ЌЕ СЕ ИЗГРАДИ, без разлика на отпорот!“

РАМА БЕЗ МИЛОСТ ДО ПРОТЕСТАНТИТЕ: „Проектот во Зврнец ЌЕ СЕ ИЗГРАДИ, без разлика на отпорот!“

Албанскиот премиер Еди Рама испрати јасна порака до граѓаните кои веќе една недела протестираат против големиот проект во Зврнец – изградбата ќе продолжи и нема да биде запрена. Во своето обраќање преку подкастот „Фласим“, тој оцени дека станува збор за инвестиција од огромно значење за иднината на земјата и дека Владата нема намера да се повлече под притисок.

Рама ги обвини дел од демонстрантите дека зад нивните активности стојат различни интереси, вклучително и желба за поголема популарност на социјалните мрежи. Според него, ширењето негативна слика за ситуацијата може сериозно да му наштети на туризмот, кој е една од најважните гранки на албанската економија.

Тој нагласи дека инвеститорите во проектот се угледни бизнисмени од Катар и ги отфрли тврдењата дека имаат врски со Израел. Дополнително предупреди дека веќе се забележуваат први знаци на откажување туристички резервации во неколку популарни крајбрежни градови.

Осврнувајќи се на критиките дека проектот ќе ја загрози природата и живеалиштата на фламингата, Рама потсети дека во минатото токму овие птици биле жртви на нелегален лов, додека денес многумина одеднаш се претставуваат како нивни заштитници.

Во меѓувреме, протестите не стивнуваат. Освен во Албанија, незадоволството се прошири и меѓу дијаспората, каде што се одржаа собири пред албанските амбасади во повеќе европски и светски градови. Владата, пак, останува на ставот дека инвестицијата вредна повеќе од четири милијарди евра ќе отвори нови работни места и ќе го забрза економскиот развој на државата.