ПРВ.мк
Балкан

ПОЗНАТИОТ ГРЧКИ ОСТРОВ ВО ПЛАМЕН: Пожарот однесе два живота, жителите масовно се евакуираат!

ПОЗНАТИОТ ГРЧКИ ОСТРОВ ВО ПЛАМЕН: Пожарот однесе два живота, жителите масовно се евакуираат!

Голем шумски пожар што го зафати грчкиот остров Саламис, западно од Атина, однесе два човечки животи, додека најмалку девет лица се повредени.

Телата на загинатите, маж и жена, биле пронајдени во областа каде што избувнал пожарот, уште пред да пристигнат противпожарните екипи. Деветтемина повредени се здобиле со изгореници и биле пренесени во локалниот здравствен центар, каде според информациите се во стабилна состојба.

Силниот ветер придонел огнот за кратко време да се прошири на голема површина, поради што властите го активирале националниот систем за вонредни ситуации 112 и наредиле итна евакуација на повеќе населени места.

Пожарот се шири во два главни правци – кон Перистерија и Селинија, при што пламените јазици зафатиле густа борова шума. Во областа Перистерија веќе се регистрирани и изгорени куќи.

Особено тешка била ситуацијата за жителите и туристите кои се нашле на плажите во областите Сатерли и Колонес. За нив била организирана евакуација по морски пат, а седум бродови на грчката крајбрежна стража и три фериботи досега извлекле околу 90 лица и ги пренеле на безбедно.

Во гаснењето се ангажирани 192 пожарникари, распоредени со 10 специјализирани тимови за шумски пожари, како и голем број волонтери.

Од воздух операцијата ја поддржуваат шест авиони и осум хеликоптери, но силните ветрови и натаму сериозно ја отежнуваат борбата со огнената стихија.

Ситуацијата на Саламис останува исклучително тешка, а спасувачките и противпожарните екипи продолжуваат со напорите за ставање на пожарот под контрола и заштита на населението.