Сериозна временска катастрофа ја погоди Бугарија, каде силни поројни дождови донесоа над 80 литри врнежи на квадратен метар за многу кратко време, предизвикувајќи поплави и евакуации.
Најтешко погоден е регионот околу Велико Трново, каде е прогласена вонредна состојба. Мерката опфаќа и делови од Габрово, Горна Орјаховица и Драјново, додека спасувачките служби се постојано на терен.
Поради обилните врнежи, реката Јантра излегла од своето корито и навлегла во населени подрачја и патишта, што довело до затворање на сообраќајници кон Стара Загора и Габрово. Во некои зони биле извршени и евакуации на жители.
Поплавите направиле големи штети на возила, куќи и земјоделски површини. Жителите опишуваат драматични сцени, со вода која навлегла во домовите и достигнала до колена во приземните простории.

Властите соопштуваат дека евакуацијата е превентивна мерка поради опасниот пораст на нивото на реките, а кризен штаб е постојано активен на терен. Се предупредува дека можни се нови врнежи и дополнително влошување на ситуацијата.









