Повеќе лица се повредени во пожар што избувнал во хотелот „Бруклин“ во приморскиот албански град Валона, при што петмина од повредените биле итно пренесени на лекување во Тирана.
Според информациите од Министерството за здравство, тројца пациенти биле примени во Универзитетската клиничка болница „Мајка Тереза“, додека двајца се згрижени во Универзитетската болница за трауматологија.
Еден од повредените е во критична состојба, поради големиот процент на изгореници и потребата од постојано медицинско следење и интензивна нега.
Од здравствените установи информираат дека медицинските тимови продолжуваат внимателно да ја следат состојбата на сите повредени и им ја обезбедуваат потребната медицинска помош.
Според досегашните информации, петмина од повредените се туристи од Косово, додека еден е албански државјанин.
Засега нема официјална потврда за тоа што го предизвикало пожарот во хотелот, а надлежните служби треба да ги утврдат сите околности околу инцидентот.









