Силно невреме во саботата попладне ја погоди областа Мани на Пелопонез и за само неколку минути предизвика сериозни поплави и голема материјална штета.
Поројните дождови создадоа огромни водени надојденици кои носеа автомобили, поплавуваа куќи и туристички објекти, а на повеќе места беше оштетена и патната инфраструктура.
Најтешко погодени се населените места Алипа, Кокала, Итило, Лимени и Каравостаси, каде огромни количества вода и кал се слевале од повисоките предели и навлегувале во домовите и објектите.
Во Алипа ситуацијата била особено драматична – на одредени места водата достигнувала речиси до прозорците на објектите, при што биле поплавени куќи и туристички сместувања.
Водената стихија носела автомобили кон морето, а биле оштетени и мостови
Силните води однеле неколку автомобили во морето, додека делови од патиштата биле уништени или сериозно оштетени. Пријавени се и оштетувања на локални мостови, што дополнително го отежнало движењето и пристапот до погодените места.
Грчката противпожарна служба добила десетици повици за помош. Најмалку десет лица биле извлечени од своите возила откако останале заробени поради надојдените води.
Во Итило се случила и дополнителна несреќа – жена била погодена од гром додека се наоѓала во автомобил. Таа била преземена од екипа на Итната медицинска помош и пренесена во болница во Спарта.
На социјалните мрежи се појавија драматични снимки од погодените подрачја, на кои се гледаат огромни количества вода и кал како се движат низ улиците и навлегуваат во домовите и туристичките објекти.
Поради сериозноста на ситуацијата и последиците од невремето, министерот за здравство на Грција, Адонис Георгиадис, соопшти дека Националниот здравствен систем е ставен во целосна готовност.
Надлежните служби продолжуваат со интервенциите и расчистувањето на последиците, додека се проценува вкупната материјална штета предизвикана од невремето.








