Пензионерите во Србија до крајот на годината ќе добијат ново зголемување на пензиите, а државата подготвува и пакет дополнителни мерки за подобрување на нивниот животен стандард, најави директорот на Републичкиот фонд за пензиско и инвалидско осигурување (ПИО), Реља Огњеновиќ.
Тој изјави дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 27 јуни ќе го претстави целосниот пакет мерки за пензионерите, кој покрај финансиска поддршка ќе опфати и поволности поврзани со трошоците за лекови, како и дополнителни парични помошти за најстарите граѓани.
Според Огњеновиќ, ПИО фондот и годинава издвоил 1,6 милијарди динари за програмите за подобрување на стандардот на пензионерите. Со тие средства повеќе од 22.000 пензионери биле испратени на бесплатна бањска рехабилитација, додека над 115.000 лица добиле пакети со солидарна помош.
Тој потсети дека минатата година пензиите во Србија биле зголемени за 24,4 проценти, а најави дека до крајот на оваа година ќе следува ново покачување.
Од ПИО фондот истакнуваат дека покрај финансиската поддршка, ќе продолжат да инвестираат и во програми кои придонесуваат за подобар социјален живот на пензионерите, вклучително и бањска рехабилитација, спортски активности и други форми на поддршка.









