ПРВ.мк
Балкан

НОВИ СТРОГИ ПРАВИЛА: Целосно се стопира движењето низ шумите - доколку не почитувате ова е казната!

НОВИ СТРОГИ ПРАВИЛА: Целосно се стопира движењето низ шумите - доколку не почитувате ова е казната!

Поради високиот ризик од избувнување и брзо ширење на шумски пожари, денеска, 16 август, во одредени шумски подрачја на Халкидики е воведена целосна забрана за движење на пешаци и возила.

Мерката стапила во сила во 8 часот утрово, а според најавата ќе биде активна до 8 часот во понеделник, 17 август.

Забраната ги опфаќа подрачјата на Касандра и Ситонија, просторот од Комица до Уранополис, како и подрачјето на општина Полигирос. Станува збор за локации со зголемен ризик од појава и ширење на пожари, поради што грчките власти преземаат дополнителни превентивни мерки.

Во текот на траењето на забраната, грчката полиција ќе врши засилени и континуирани контроли на пристапите кон шумските патишта. Целта е да се спречи влезот на граѓани и туристи во зоните во кои движењето е забрането.

Лицата кои ќе бидат затекнати во подрачјата опфатени со мерката ќе бидат отстранети од забранетата зона, соопштуваат надлежните.

Од забраната има ограничен исклучок, кој се однесува на членовите на доброволните организации ангажирани во активности поврзани со заштита од пожари и превенција од нивно ширење.

Грчките власти упатуваат апел до сите жители, но и до туристите кои престојуваат на Халкидики, строго да ги почитуваат мерките и да не се обидуваат да влегуваат во шумските подрачја каде што има забрана.

За непочитување на забраната е предвидена глоба од 300 евра.

Надлежните потсетуваат дека мерката е превентивна и има за цел да се намали можноста за појава на пожар во период кога временските услови создаваат зголемен ризик за шумските подрачја.