Во Тирана се одржа вториот заеднички консултативен комитет меѓу Европскиот комитет на регионите и Албанија, на кој се дискутираше за улогата и потребите на локалните заедници во процесот на интеграција на Албанија во Европската Унија.
Делегацијата на ЕУ во Тирана преку соопштение истакна дека оваа сесија претставува значаен чекор кон зајакнување на вклученоста на општините во процесот на пристапување, обезбедувајќи рамка за локалниот развој и промовирање на демократските принципи.
Дискусиите се фокусираа на поддршката што ЕУ ја нуди преку Планот за раст и други програми за поттикнување на локалната демократија и економскиот развој. „Албанските општини сè уште се соочуваат со значителни предизвици. Земјата мора да вложи максимални напори за да создаде поволна средина во која општините ќе можат да придонесат кон процесот на пристапување, да ја искористат целосно поддршката и фондовите на ЕУ и на крајот да им служат подобро на граѓаните и заедниците“, се наведува во соопштението.
Европската Унија најави дека ќе продолжи да ги поддржува албанските општини преку новата програма EU4Municipalities, вредна 11 милиони евра, која ќе започне на 1 јануари. Програмата има за цел зајакнување на локалните капацитети, зголемување на инвестициите, поддршка на локалната демократија и поттикнување на инклузивно учество на граѓаните.
На состанокот присуствуваа градоначалниците на најголемите албански општини, вклучувајќи ја и градоначалничката на Драч, Емријана Сако, како и амбасадорот на ЕУ во Албанија, Силвио Гонзато, кој истакна дека зајакнувањето на локалните заедници е клучно за успешното интегрирање на Албанија во Европската Унија.

















