Нов топлотен бран веќе се формира над Атлантикот, а Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека најопасниот период од летото можеби сè уште не е пристигнат. Европските земји се подготвуваат за нови екстремни температури, додека здравствените институции стравуваат од зголемен ризик за најранливите категории граѓани.
Според прогнозите, Португалија и јужните делови на Шпанија оваа недела се очекува да се соочат со температури до 43 степени Целзиусови. Во исто време, Франција и земјите од Бенелукс се подготвуваат за нов бран на опасни горештини, а делови од Централна Азија веќе бележат температури над 40 степени.
Поради сериозноста на ситуацијата, СЗО одржа итен состанок со претставници од 41 земја-членка од европскиот регион, Европската комисија и организации на граѓанското општество, со цел да се анализираат последиците од неодамнешните топлотни бранови и да се подготват мерки за новите екстремни услови.
Регионалниот директор на СЗО за Европа, д-р Ханс Анри П. Клуге, порача дека екстремната топлина повеќе не смее да се третира само како временска појава, туку како сериозна закана за јавното здравје.
На состанокот, на кој учествувале повеќе од 130 претставници, биле разгледани успешните модели на реакција при топлотни бранови, но и слабостите каде што се потребни дополнителни инвестиции, подобра организација и побрза координација меѓу институциите.
Од СЗО нагласуваат дека државите кои имаат однапред подготвени национални планови за заштита од топлотни бранови реагираат значително побрзо и поефикасно.
Како пример за добра практика се наведува Италија, која користи систем за следење на смртноста во речиси реално време во 45 градови, што им овозможува на властите навремено да преземат мерки. Шпанија го подобри информирањето на граѓаните преку соработка со медиумите, додека Австрија воведе дополнителни мерки за заштита на работниците од високите температури и подобра координација меѓу институциите.
Белгија го активираше највисокото ниво на предупредување за топлина само вторпат во 2020 година, а Франција покажа дека поврзувањето на здравствениот сектор, социјалните служби и другите институции може значително да ги намали последиците од екстремните горештини.
Северна Македонија, според СЗО, исто така презела активности во соработка со Црвениот крст, со цел помошта да стигне до луѓето кои немаат трајно засолниште и се изложени на најголем ризик.
Заедничка карактеристика на сите успешни модели е тоа што мерките не се подготвуваат откако кризата веќе ќе започне, туку однапред. Плановите јасно ги определуваат одговорностите на институциите, критичните температурни граници и групите граѓани на кои им е потребна најголема заштита.
Плановите за здравствен одговор при екстремни горештини ги поврзуваат временските предупредувања со конкретни активности. Тие вклучуваат подготовка на болниците за зголемен број пациенти, заштита на постарите лица, хронично болните и другите ранливи категории, како и координација меѓу здравството, социјалната заштита, безбедноста при работа, домувањето и урбанистичкото планирање.
Сепак, СЗО предупредува дека помалку од половина од земјите-членки во европскиот регион имаат национални планови за заштита на здравјето при топлотни бранови.
„Многу луѓе сè уште не сфаќаат дека се изложени на ризик, дури и кога е активиран црвен аларм. Во дел од земјите недостасуваат климатизирани јавни простори за засолниште, а административните процедури дополнително го забавуваат одговорот“, предупреди Клуге.
Меѓу најголемите проблеми останува недоволната информираност на населението, недостатокот на места за разладување и тешкотиите во заштитата на најранливите – бездомниците, лицата сместени во домови за стари лица и постарите луѓе кои живеат сами.
СЗО предупредува дека навремената подготовка и брзата реакција на институциите ќе бидат клучни во периодот што следува, бидејќи климатските промени носат сè почести и поинтензивни топлотни бранови низ Европа.









