Пожар избувна денеска во попладневните часови во месноста Пирин Чешма во Општина Валандово, а локалните власти се сомневаат дека огнената стихија можеби била намерно предизвикана.
Од Општина Валандово информираат дека пожарот бил пријавен во 12:37 часот, по што веднаш на терен излегле екипи на Територијалната противпожарна единица Валандово. Благодарение на брзата реакција, огнот во моментов е ставен под контрола, но целосното локализирање сè уште претставува предизвик поради тешко пристапниот и непристапен терен.

Според првичните информации од надлежните, постојат индиции дека пожарот не настанал случајно. Од Општината посочуваат дека лицето кое евентуално го предизвикало огнот најверојатно добро го познавало подрачјето и избрало локација каде пристапот на противпожарните екипи е значително отежнат.
Додека трае борбата со огнената стихија, од ТППЕ Валандово повторно упатуваат апел до граѓаните да не палат стрништа, сува трева и други површини на отворено. Од таму потсетуваат дека ваквите дејствија се забранети и казниви, а можат да предизвикаат сериозни последици за луѓето, имотот и природата.
Против лицата кои ќе бидат затекнати или пријавени дека предизвикуваат пожари ќе бидат преземени соодветни законски мерки и ќе следуваат пријави до надлежните институции.

Граѓаните се повикуваат секој забележан пожар веднаш да го пријават на телефонските броеви 193 или 112, за да може навреме да се реагира и да се спречи негово ширење.
Пожарот кај Пирин Чешма се случува само неколку дена откако Општина Валандово најави засилени превентивни активности, меѓу кои и почести контроли и патроли на ризичните локации. Воедно, останува на сила забраната за движење во шумските предели, освен за лицата кои имаат соодветна дозвола издадена од ЈП „Национални шуми“.









