Со мнозинство гласови, советниците го усвоија новиот ценовник за користење на јавните паркиралишта во Велес, со што се отвора патот за повторно воведување наплата на паркингот во градот. Цената за еден час ќе зависи од зоната, а ќе се движи од 20 до 40 денари.
Според усвоениот ценовник, паркирањето во првата зона „А“ ќе чини 40 денари за еден час, во зоната „Б“ цената ќе биде 30 денари, додека во зоната „Ц“ ќе се плаќаат 20 денари. Предвиден е и толерантен период од првите десет минути, а при плаќање преку СМС-порака, трошокот за испраќање на пораката нема да биде вклучен во цената на паркирањето.
Директорот на ЈП „Парк, спорт и паркинзи“ (ЈППСП), Златко Стојковски, кое ќе биде задолжено за наплатата и одржувањето на паркиралиштата, вели дека цените се утврдени според економската моќ на велешките граѓани и се усогласени со тарифите во Скопје – Центар, Штип и Кавадарци.
„Ценовникот е согласно економската моќ на граѓаните на Општина Велес и усогласен со цените во Скопје – Центар, Штип и Кавадарци“, изјави Стојковски.
Платениот паркинг претходно функционирал само шест месеци
Во Велес наплата за паркирање имало и пред шест години. Тогаш цената за еден час изнесувала 30 денари во зоната „А“, 20 денари во зоната „Б“ и 10 денари во зоната „Ц“.
Сепак, системот функционирал само шест месеци, по што бил ставен во мирување. Како причина тогаш било наведено дека ЈППСП остварувало загуба поради обврските поврзани со организирањето и наплатата на паркирањето.
Сега повторното воведување платен паркинг се најавува како решение за подобро регулирање на сообраќајот. Според оценките на дел од граѓаните, тоа е потребен чекор, а иницијативата ја поддржувале и стопанствениците.
Градоначалникот Марко Колев претходно посочи дека наплатата треба да помогне во воспоставување ред на улиците во градот.
„Платениот паркинг е потребен заради воведување ред во сообраќајот во Велес. Бидејќи ова што се случува е безредие“, изјави Колев при најавата за враќање на системот.
Кога ќе се наплаќа паркирањето?
Работното време за наплата ќе биде различно во зависност од сезоната:
- Во зимскиот период, од понеделник до петок, наплатата ќе се врши од 7 до 21 часот.
- Во летниот период, од понеделник до петок, паркирањето ќе се наплаќа од 7 до 23 часот.
- Во сабота, во текот на целата година, наплатата ќе биде од 7 до 16 часот.
- Во недела и за време на државните празници, паркирањето на јавните паркиралишта ќе биде бесплатно.
Колку ќе чинат месечните и годишните дозволи?
Ценовникот предвидува и посебни тарифи за резидентите, вработените во институциите и правните лица.
Резидентната дозвола ќе чини 300 денари месечно или 3.000 денари годишно. Истата цена ќе важи и за дозволите на вработените во институциите. Сепак, со овие дозволи не се гарантира дека корисникот секогаш ќе има слободно паркинг-место.
За отстранување блокатор од тркало ќе се наплаќа 1.000 денари.
Месечните дозволи за правни лица ќе бидат различни според зоната:
- Зона „А“ – 3.100 денари;
- Зона „Б“ – 2.500 денари;
- Зона „Ц“ – 1.800 денари.
Годишната дозвола за правни лица ќе се пресметува така што месечната цена ќе се помножи со 10.
Предвидена е и годишна претплата за сите зони, која за физичките лица ќе изнесува 35.000 денари, а за правните лица 45.000 денари. И во овој случај не се резервира конкретно паркинг-место за корисникот.
Во Велес има вкупно 963 паркинг-места
Според изготвениот регистар, во градот се евидентирани вкупно 963 паркинг-места, распоредени во три зони:
- Зона „А“ – 173 паркинг-места;
- Зона „Б“ – 581 паркинг-место;
- Зона „Ц“ – 209 паркинг-места.
Посебен режим ќе важи за паркирањето на улицата „Благој Ѓорев“, на потегот од кружниот тек „Авона“ до Градскиот саат, на улицата „8 Септември“. Паркирањето во третата лента на овој потег нема да се наплаќа, бидејќи станува збор за регионални улици.
Усвоениот ценовник ќе почне да се применува со официјалниот старт на платеното паркирање. Во моментов се вршат техничките подготовки, се договара соработката со мобилните оператори и се подготвува поставувањето на наплатните рампи и куќарки.








